Младите задоволни од работата во Западна Европа и во САД

Кај студентите се забележуваат позитивни критики

Пишува Ѓорѓи Ефремов
 
Добри услови за престој, работа и месечни примања ги задоволуваат очекувањата на младите заминати на привремената работа надвор од Македонија. Стотици млади, од кои најмногу студенти во текот на летото заминуваат на работа некаде во Европа и Соединетите Американски Држави. Најчеста дестинација е Германија. Условот е да се познава јазикот на земјата во која се престојува, ова можност ја користат повеќе од 300 студенти само од Штип. Работата е најразлична, од хигиеничари до келнери и касиери.
На прашањата како е да се работи и живее надвор од нашата држава, кај студентите се забележуваат позитивни критики. Оние кои дадоа мислење, велат дека платите се доволни и средината во која живеат се пристојни. Мариа Спасова, студентка на работа во Минхен, Германија со позитивна реакција зборува за еднаквиот третман на работниците и за модерниот начинот на животот во Минхен.
-Едноставно е подобро и поорганизирано. Задоволна сум од работата која ја извршувам во однос на платата која ја добивам. Овде не се гледа социјалниот статус. Дури и да се зема минимална плата, тоа би било доволно да се живее достојно.
За разлика од Мариа, студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Даниел. Т и Филип Д. веќе два до три пати заминуваат и се враќаат од привремена работа во Германија. Нивните мислења се идентични кога се однесува на условите за работа и платата која ја добиваат, односно се задоволни. Но кога би можеле да останат да живеат во Германија на неопределено, и двајцата се со скептично мислење. За нив местото на престој е од голема важност. Животот на голема оддалеченост од некој поголем град би можел да биде најголем проблем, но и германската култура исто така.
-Работата знае да биде напорна, но тоа е решливо прашање. Кога се однесува на секојдневното живеење, менталитетот на Германците, климата и германската принципиелност се страни за мене и тоа се нешта за кои треба време да се усвојат. Престојувам во североисточна Германија и до колку би можел не би останал да живеам овде, вели Ф.Д.
Иако младите се со поделени мислења и искуства, за нив ваквата можност носи не само финансиска поткрепа, туку и животно искуство. Сето тоа носи нови погледи на светот, вредности на животот и идеи.

Tags: