Студентите препишуваат со опрема како од филмовите на Џејмс Бонд

Однадвор не се познава речиси ништо

Пишува Игор Стојанов
 
Со опрема која наликува на онаа од модерните филмови со тајни агенти студентите се обидуваат да положат испит. Опремата се состои од микро звучник кој се става во ушето и треба да падне на ушното тапанче, антена која се става околу вратот и наликува на ѓердан заедно со микрофон кој се сместува под облеката и кабел кој се вклучува во телефонот. Поновите вакви уреди можат да се поврзат и безжично со телефонот.
Ова е еден од огласите кои кружат на социјалните мрежи со кој овој уред се продава за 1000 денари (18 евра) или се изнајмува за 300 денари (5 евра).
Телефонскиот повик со студентот кој препишува се воспоставува уште пред да влезе во предавалната и стојат на линија. Оној кој препишува треба да ги прочита прашањата на свој пријател кој е од другата страна на телефонот со отворена книга и почнува да му ги чита одговорите, вели добро упатен студент.
Според оние кои ги продаваат овие уреди студентот да биде фатен на испит како препишува со овој уред се минимални бидејќи однадвор не се познава речиси ништо. Звучникот на „препишувачот“ му е сместен длабоко во увото, до ушното тапанче и се вади единствено со специјално направен магнет кој продира длабоко во увото и го прилепува звучникот за себе и така се вади од увото.
Имаше случаи кога асистентите се сомневаат, кога кружат околу студентот, бараат од него да го извади телефонот, но никако не можат да забележат дека препишуваат, вели студентот.
Факултетите имаат строги казни за ваквите случаи. За препишување на испити може да следуваат казни како забрана за полагање неколку сесии или дури и суспендирање од факултетот. Дел од факултетите знаат за овој огромен проблем.
-Еднаш „фатив“ еден ваков студент. Ми стана сомнително тоа што ги читаше прашањата тивко. Го забележав тоа и потоа го следев. Видов дека не препишува од тој пред него ниту од некои ливчиња. Стана сомнителен затоа што неколку минути од почетокот на тестот не пишуваше ништо, а кратко потоа почна да пишува многу, како се да знае. Му го зедов тестот и усно му поставив едно од прашањата кое веќе му беше одговорено во тестот. Толку механички препишувал, што не знаеше да ми го одговори прашањето кое веќе му беше напишано. Поведов дисциплинска постапка против овој студент, но знам дека има и други кои тешко се откриваат, вели асистентка од Универзитетот „Гоце Делчев од Штип.
Некои факултети на Универзитетот „Кирил и Методиј“ имаат блокатори на мрежа со што мобилниот телефон практично и не функционира, некои професори пак сами се снаоѓаат и со себе на испит носат вклучен радио приемник кој доколку забележи сигнал од мобилен телефон се јавува тој добро препознатлив звук и така се обидуваат да ги спречат студентите од препишување. Мамењето на испити постоело од секогаш, но денешната технологија за релативно ниска цена овозможува мамење кое е речиси неизводливо да се препознае. На овој начин губат само студентите – од факултет излегуваат без знаење. 

Tags: