Такси превозот е луксуз за младите со студентски живот

Мечтаат за фамилијарен автомобил

Пишува Ѓорѓи Ефремов
 
Такси превозот, кутија цигари и летниот одмор претставуваат луксуз за студентите. Најголемиот дел од трошоците за студиите се на товар на родителите а тоа го стеснува буџетот наменет за олеснување на секојдневието, патувања и рекреација. Студентите пак кои ги уживаат секојдневните задоволства како цигари, кафе надвор од домот или пак годишен одмор, мечтаат за фамилијарен автомобил.
Најголем дел од студентите сметаат дека нивните барања и потреби не се големи. Според нив, ниските примања на родителите и тешкиот начин на студирање и работење истовремено ги принудува да се задоволат со основните потреби. Постојат и бројни студенти за кои дури посетата на ноќните клубови и пиењето кафе во кафулиња до два пати е надвор од можностите.
Оние кои не можат да си овозможат излегување во клубови, потребата од социјализација ја задоволуваат преку собирање во становите каде што престојуваат студентите или пак студентските домови. Студентите склони на рутинска спортска рекреација а кои не можат да посетуваат теретана или фитнес центар, спортуваат на локалните игралишта, пешачки патеки или возат велосипед.
-Живеам во Штип и во Штип студирам. Трошоците за факултет ги покриваат родителите, имаме автомобил и ја уживам можноста за годишен одмор. Но во оваа состојба тоа е луксузот за мене и не би можел да си дозволам нешто повеќе од тоа иако работам како спортски судија, па така ги задоволувам секојдневните потреби. Патувања надвор од државата со цел да се посетат знаменитости за сега се невозможни, вели М.П студент на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Студентите кои можат да најдат работа, ретко ја прифаќаат. Ангажираноста во рамките на студиите не им оставаат време за можно вработување. Сличен проблем имаат и вонредните студенти тие се согласни дека високите трошоци за студиите кои за нив се двојно поголеми поради вонредниот статус на факултетот, не им се олеснува животот работејќи бидејќи месечните примања често се ниски. Финансиските потреби за студирање, ниските плати на вработените и тешките услови за работење и студирање истовремено ги ставаат евтините работи високо на скалата на луксузот.

Tags: