Штипјанка со цртање преку Интернет заработува повеќе од 300 долари месечно

Со својот онлајн рејтинг од 99 таа секојдневно добива нови понуди за работа

Автор на текстот, фотографиите и на видеото Игор Стојанов

Повеќе од 300 луѓе ширум светот ги носат тетоважите што ги има дизајнирано Христина Спирова од Штип. Таа преку Интернет со мал труд продава дизајни за тетоважи и други цртежи кои од неа ги бараат клиенти од целиот свет. Христина вели дека не е тешко да се заработи една плата преку Интернет и дека постојано има нарачки за различни цртежи.   

-Во просек заработувам нешто повеќе од 200 долари месечно, но тоа не е со некој интензивен труд. Доколку целосно се посветам ќе можам да заработувам и многу повеќе. Сега за сега ми е доволно, јас сум студент, имам и други обврски и затоа не можам целосно да се посветам на продажба на цртежи преку Интернет, вели Христина.

Таа има свој профил на веб страницата „Fiver“ и од таму клиентите ги прават нарачките за тетоважи и останати цртежи. Има и други Македонци кои што работат на овој веб сајт, но нарачките на Христина ѝ ги прават исклучиво странци.

-Цртам и портрети, тетоважи и било што друго што им е потребно на луѓето преку рачно цртање. Постојано имам барања за различни нарачки, но сега немам толку многу време да одговорам на сите нарачки, вели Христина.

Таа е студент на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а за ова дознала пред повеќе од една година и работи само со странски веб страници. Со својот онлајн рејтинг од 99 таа секојдневно добива нови понуди за работа.

На овие онлајн платформи има многу Македонци кои ги продаваат своите таленти или својот труд. Од неодамна започна ваква онлајн платформа и во Македонија, која има за цел да го промовира фриленсингот и да им овозможи на луѓето од Македонија да го продаваат својот труд на македонска онлајн платформа.

-На веќе етаблираните платформи за работа на слободни и независни работници (freelancers) во светот има повеќе од 1000 слободни и независни работници од Македонија. А, исто така има и неколку компании од Македонија кои имаат објавено проекти за да им бидат завршени од страна на фриленсери ширум светот. Пазарот веќе постои и ќе се зголеми во иднина потребата од ваквиот начин на делување бидејќи им дава слобода на луѓето да работат од дома и самите да го креираат своето работно време. Додека пак, на креаторите на проекти им дава брзина во пронаоѓањето на човечките ресурси за да биде завршена одредена работа и секако им ги скратува маките во однос на барањето на човечки ресурси за одредена област, вели Горан Мојановски од македонската фриленс платформа www.hitlancer.com

Според него, овој вид на заработка е широко прифатен од младите луѓе кои бараат алтернативен начин на заработка. Христина е доказ дека со доволно труд и талент може добро да се заработи на Интернет. Покрај цртањето, на овие Интернет платформи се бараат преведувачи, програмери, пејачи, спикери и сè што може да се работи он - лајн. Христина за Балканска Младинска Редакција ни нацрта еден цртеж, кој според неа, на Интернет би можела да го продаде за повеќе од 40 долари.

 

Flicker Gallery Linkhttps://flic.kr/s/aHskbHd4bs

Tags: