Млад македонски иноватор во Германија

Моментално живее и студира во Германија

Пишува Христина Начева
 
Златен медал за проектот “Био-разградлива био-пластика” на ISWEEEP олимпијада во САД, монетарна награда за високи достигнувања во областа на екологијата, доделена од Град Скопје, општинска награда од локалната самоуправа Свети Николе за придонеси за науката и технологијата за 2006 и 2009 година се само дел од многуте меѓународни и домашни награди за освоени високи места на Николче Колев, дипломиран инженер за компјутерски науки од Свети Николе.
Ова младо момче моментално живее и студира во Германија и својата кариера и иднина ја гледа во оваа држава или во некои од другите високоразвиени земји. Средното образование го заврши во гимназијата „Јахја Кемал“ во Скопје каде има учествувано на натпревари по математика, хемија и проект олимпијади.
Највисока е златниот медал за проектот “Био - разградлива био - пластика”, изработен со соученикот Стефан Кузмановски, на ISWEEEP олимпијада во САД. Во проектот тие изработиле нов вид пластика од природно потекло која се произведува од памук и коноп, биолошки разградлива која се распаѓа во почвата за само една година без никакво штетно влијание врз околината. Знаејќи дека традиционалната пластика се распаѓа за 100-500 години, оваа биопластика е навистина револуционерно откритие, што беше клучно кај судиите за доделувањето на највисокото признание. На истата олимпијада го има освоено и второто место за проектот добивање биодизел од алги.
-Преку истражување откривме дека алгите имаат големо количество масти во нивната структура. Прво требаше да се оддели масната структура, потоа таа масна структура преку еден комплициран процес 'трансистрификација' да се конвертира во био-дизел. Има доволно количество алги за да може да се задоволи околу 10-15% од потрошувачката на дизел гориво во Македонија годишно, вели Колев.
Своето образование овој млад човек го продолжи на Jacobs University Bremen во Германија на Компјутерски Науки, а во 2013 година беше дел од тимот кој учествуваше на NWERC програмерската олимпијада во која учествуваат тимови од најдобрите универзитети од западна Европа. Има работено во различни истражувачки групи на факултет, во KPMG, а  моментално работи во 360Т во електронската платформа за тргување.
-Најважното нешто е човек да ја најде и следи својата страст, иако понекогаш тоа не е возможно. Да не се изгубиме во тоа што тие околу нас очекуваат да бидеме, вели во разговорот Николче Колев.

Tags: