Младите партиски активисти не знаат што е демократија

За голем број од младите демократијата е правото на говор и сопствен избор

Пишува Ѓорѓи Ефремов
 
Најголем дел од младите во Македонија не знаат што е демократија, а при тоа активно се вклучени во работата на политичките партии.  Младите се појавуваат на протести за подобрување на демократијата во Македонија, за правата на студентите и работниците, без притоа да имаат јасна слика за демократското општество.
Дефиницијата за демократија вели дека тоа е систем на владеење на народот, каде врховната власт му е дадена на народот и се извршува непосредно преку него. Но, за голем број од младите демократијата е правото на говор и сопствен избор, без да се прецизира на што се однесува можноста на сопствен и слободен избор. Бројот на млади кои членуваат во најголемите политичките партии како „Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ“ и „Социјалдемократска младина на Македонија“ бројат повеќе од осумдесет илјади членови заедно.
Прашавме неколку млади партиски активисти, кои сакаа да останат анонимни, за тоа што мислат тие што е демократија и како тие ја разбираат.
Правото на слобода и сопствен избор е демократија за овие млади луѓе. Изненадувачки добивме речиси идентични одговори од сите млади кои ги анкетиравме, а се вклучени во двете најголеми партии во Македонија.
Иако демократијата секако дека ги опфаќа основните човекови права, како што е правото на слобода и правото на избор, сепак партиципирањето во едно демократско општество вклучува многу повеќе активности од страна на граѓанинот. Професорот д-р Страшко Стојановски од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ вели дека демократијата е многу повеќе од тоа.
Концептот на демократијата ги поврзува и ги обединува двете идеи. Идејата за слобода, заедно со онаа идеја за еднаквост промовирани со Француската револуција, но и идејата за општествена одговорност. Не значи дека со демократијата имаме право и слобода да правиме се што сакаме. Имаме и општествена одговорност и таа општествена одговорност треба да се врзе за општото добро или општата волја како што ја нарекува Жан Жак Русо. Идејата е ние да се грижиме за општото добро на заедницата оттука демократијата не може да се индивидуализира до тој степен да кажеме дека само слободата е себезадоволувачка за демократијата, вели професорот Стојановски.
Органската дефиниција за демократијата, според него, се врзува со граѓанска партиципативност во процесот на носење на одлуки и контрола на ресурсите.
Тоа значи колку граѓанинот учествува во процесот на донесување на одлуки. Кај нас тоа е голем проблем, да се спуштиме на тоа микро ниво. Дури и оние и оние партиски активисти и членови не се доволно инволвирани во процесот на донесување на одлуки, а да не зборуваме за обичните граѓани кои се аполитични, потенцира професорот Стојановски. 
Образовниот систем за демократијата ги учи младите во сите степени на образованието, во склоп на предметите како историја, социологија, општество и филозофија. Сепак, експертите се согласни дека демократијата треба да се практикува. Голо знаење на концептот не е доволно. За демократијата, велат потребно е традиција, функционирање на институциите и граѓаните да се вклучат во решавањето на проблемите.

Tags: