Корисници на дрога се социјално загрозени млади луѓе

Програма за намалување на штети од дроги

Пишува Иван Дуковски
 
Секојдневна и сè посериозна станува ситуацијата со употреба на опојни наркотични средства во Македонија. Ваквата состојба е застапена низ градовите во Македонија и покажува навистина сериозни податоци, како што е случајот и во градот Штип. Град со близу 50 илјади жители од пет етнички групи, покажува навистина алармантна бројка на наркозависници. Бројот на наркозависници е се поголем. Сериозноста на проблемот бара огромна институционална помош.
Во контекст на оваа проблематика и нудење решение за подобрување на ваквата состојба, во Штип функционира програмата за намалување на штети од употреба на дроги која функционира веќе 10 години и ја спроведува невладината организација Младински клуб Штип. Тимот го сочинуваат: социјален работник, медицинско лице и двајца теренски работници.
Здравствена заштита на зависниците им ја нуди медицинско лице кое е обучено за работа со овие лица и врши советување за одржување на здравствена состојба, интервенција во криза, давање на прва помош, сместување во здравствена институција, проценка на општата здравствена состојба и воспоставување на контакт со институции.
Денис Ампев, координатор на  „Програма за намалување на штети од дроги и ХИВ СИДА“ во Штип наведува дека програмата во изминативе години ја зголемува својата ефективност и во поглед на едукацијата која што им се нуди на потенцијалните корисници на дрога - млади луѓе кои не ги знаат последиците од злото на 21-от век. Но, податокот кој ја покажува влошената состојба на овој проблем во Штип е бројката на зависници кои се постојани „клиенти“ на програмата и клубот. Со зависниците се работи во канцелариите, но и на терен. Според статистиката во Штип, корисници на дрога се луѓе од социјално загрозени категории.
-Во  функционирањето на програмата за намалување на штети од дроги во нашиот клуб имаме вкупно 220 лица, корисници и на едукативните  материјали и медицинска опрема во младински клуб. Од нив 80% се Македонци, 10% Турци и Роми, 10% Срби, Власи и Албанци. 90% од Штип, останатите 10% од околните места (Св. Николе, Радовиш, Крупиште и Кочани). 10 од нив се жени, другите се лица од машки пол и во целост може да се каже дека речиси сите се социјално загрозени и само 10% од нив се вработени, истакнува Денис Ампев.
Во рамки на тимот на оваа програма работи и социјален работник кој е задолжен за работата на терен и нудењето помош на корисниците. Социјалниот работник од Социјалниот центар во Штип Викторија Папарова и член на програмата за намалување на штети од дрога и ХИВ СИДА, Младински Клуб Штип е  дек од тимот на програмата за намалување на штети кој е одговорен за помагање на корисниците и членовите на нивните семејства, од аспект на вадење на документи, остварување на права и комуникација со институции за различни потреби.
-Должни сме да ги контактираме соодветните институции и да го придружуваме корисникот доколку не е во состојба самиот тоа да го направи во исклучителни случаи, кога не е во состојба самиот да ги извади потребните документи поради болест, кризи, кога не ги вади потребните документи поради неажурност  и незаинтересираност, кога не знае каде се наоѓаат институциите и нема пари, а документите му се итно потребни, истакнува Папарова
Она што е евидентно е дека лицата кои употребуваат хероин се препуштени на зависноста и недоволната свесност за последиците и влошувањето на состојбата во која функционираат. Институциите преку помошта на актуелните и едукацијата на младите има за цел да го намалува бројот на нарко – зависници , но и да ги пронаоѓа и спречува потенцијалните корисници на дроги. Оние кои се занимаваат со оваа проблематика сметаат дека подобрување на општата социјална положба на младите во општеството би можело да помогне во оттргнување од ова зло.

Tags: