Двајца млади од Штип повеќе сакаат земјоделство отколку факултет

Сакаат земјоделство отколку факултет

Пишува Ѓорѓи Ефремов
 
Пред четири години започнале како помошници на скромните имоти на нивните родители, а сега заработуваат натпросечна плата. Штипјаните Мартин Тасев и Александар Наков се успешни индивидуални земјоделци и сточари. Главно занимање им е сточарството, а со земјоделските производи ги покриваат трошоците и храна за стоката.
Мартин изјави дека иако студирањето е тренд во Македонија, тој не го гледа успехот преку образованието и предност дава на семејниот имот, како потенцијал за бизнис и подобра  финансиска состојба во иднина.
-Сточарството бара напорна работа, всушност тоа е единствената негативна страна на оваа работа. Работата е исплатлива а ризикот за неуспех е многу мал за разлика од земјоделието или некоја приватна компанија, изјави 22 годишниот Мартин Тасев.
За него најголема придобивка е тоа што успехот зависи од неговиот труд и менаџерските способности. Крајна цел му е да стане управник на имотот со постојано вработени лица.
Во овој бизнис својата иднина ја гледа и Александар Наков, дваесетгодишниот сточар, кој го споделува истото мислење со Мартин во однос на работата, како напорна и без многу време за одмор и релаксирање.
-Најголем проблем е времето за релаксирање и летен одмор. Обврските со работата дозволуваат слободно време само во зима, изјави Александар.
Александар вели дека ќе продолжи да работи на својот имот, но напомена дека една од најголемите желби му е да стане успешен фудбалер. За него разумен компромис помеѓу желбите е сигурното работно место, каде тој би ја менаџирал работата, отколку можниот неуспех во спортот.
Ставот кој ги обединува е дека во Македонија, дипломата не е гаранција за работа со пристојни месечни примања и дека со многу труд, идеја и знаење, успех е можен дури и во полјоделството и сточарството.

Tags: