Единствениот Македонец кој годинава ќе студира на Беркли

Целосно се посветил на музиката

Разговараше Марија Лазовска
 
Дваесет и тригодишниот Ѓорѓе Костов од Скопје е единствениот Македонец кој годинава е примен на Факултетот за музичка уметност Беркли во Бостон, САД.
Секоја година Министерствто за Образование и Наука доделува стипендии на сите студенти кои се примени на првите 100 рангирани универзитети во светот. Беркли е еден од нив, но Ѓорѓе не добил стипендија. Кога решил да аплицира, од МОН добил одговор дека стипендиите се ставени во мирување, па решил сам да се обиде да го реализира својот сон. Клучниот дел во овој обид се финансиите. Потребна му е финансиска помош која не е мала и не може да си ја дозволи. За само една година му се потребни 60.000 американски долари. Ѓорѓе е студент на ФИНКИ, но за комплетно да ѝ се посвети на музиката студиите ги ставил во мирување. Сите финансии кои ги заштедил ги инвестирал во вокален тренер кој му помогнал во подготовките. Во меѓувреме неговите родители дознале дека ги ставил во мирување студиите и секојдневно го убедувале да им се врати на студиите, но преголемата желба кон музиката не му го дозволила тоа.

BYN: Што се случи со стипендиите од Министерството за образование и наука?
Ѓорѓе Костов: Беркли беше еден од листата на 100 светски реномирани универзитети за кои Министерството а, во договор со студентите, даваше целосна стипендија во изминатите неколку години. Среќен и исполнет до влакно отидов до МОН да се информирам за поднесување документи за овој конкурс. Но, таму го добив одговорот:  - Тоа е од областа на уметноста, така? Тие стипендии за оваа година се ставени во мирување. Скиселен, со трошка надеж и малиот совет што го добив од жената на шалтерот, кој гласеше „барај грантови или спонзорства од приватни фирми“, излегов да се соочам со ситуацијата во која се најдов. Ова требаше да биде најлесниот чекор, а излезе дека ќе биде еден од потешките.
BYN: Од ФИНКИ на Berklee College of Music, од каде дојде идејата за оваа голема промена?
Ѓорѓе Костов: Љубовта кон музиката ја имав уште од мал, особено кон пеењето и пијаното, но поради ограничените финансиски можности на моето семејство, освен пеење во неколку хорски ансамбли и два соло настапи во средното училиште, никогаш не ја претворив во пракса. По првиот семестар на ФЕИТ (ФИНКИ сè уште не постоеше) им соопштив на моите родители дека сакам да го оставам инженерството и да се запишам на музичката академија во Скопје. Го сакав и компјутерското инженерство, но тоа не беше мојот прв избор. Сакав да студирам музика. Поддршката од нив не ја добив, бидејќи беа загрижени за мојот опстанок како музичар во Македонија и дали воопшто би можел да преживеам, па по долг разговор со нив одлучив да продолжам со моите студии. По 3 години поминати на компјутерско инженерство и 2 платени стручни пракси во странство преку ИАЕСТЕ Македонија, сфатив дека не можам повеќе да продолжам така и морам да преземам нешто. По кратка консултација со вокален тренер за мојот музички потенцијал, одлучив да почекам да поминат уписните рокови за тековниот семестар на ФИНКИ, па тогаш да им ја соопштам мојата намера за аплицирање на Беркли. Бев преплашен, но мислам дека повторно би го направил истото.
BYN: Кои се твоите очекувања од студиите?
Ѓорѓе Костов: Беркли е познат по разновидноста, соработките и следењето на трендовите додека сепак се основа на Џез. Заради разновидноста очекувам да најдам луѓе кои сакаат да создаваат музика слична на онаа што јас сакам. Очекувам да учам од нив, како и тие од мене, како од професорите, така и од колегите студенти. Заедно да правиме и изведуваме музика додека се градиме како личности поткрепени со конструктивни критики. Исто така Беркли е познат по соработките со музички ѕвезди - професионални текстописци, кои го посетуваат колеџот да поработат со студентите, во временски период од два дена, па сè до целиот семестар. Замислете да можете не само да го запознаете вашиот омилен текстописец, туку и да имате можност да му ги покажете своите дела и да добиете совет од него?

BYN: Кој беше иницијаторот за кампањата “Indiegogo“?
Ѓорѓе Костов: Делумно бев запознаен со идејата за ”crowd funding” кампањите, кои беа за било какви намени, па и за финансирање на образование, но бев малку скептичен за истата. Мојата другарка Маја, слушнала од нејзина колешка како скоро сите такви кампањи успевале, па ме советуваше да креирам една таква​. Тоа го направи процесот за донирање многу полесен и попристапен, па така сега луѓе од целиот свет можат да донираат. Тоа може да биде било кој и ниту една сума не е мала при донација. Би ви бил многу благодарен доколку донирате и ја споделите мојата приказна по социјалните мрежи и секаде каде што можете (пријатели/колеги/познаници). Дури и долар ми прави голема разлика.
BYN: Каде се гледаш себеси за пет години?
Ѓорѓе Костов: Жално е што иднината не ја гледам во Македонија, туку во скоро било кое друго место на светот, соработувајќи со квалитетни луѓе на нови работи, нов звук, пишувајќи, снимајќи и изведувајќи музика која со задоволство и најголемо внимание сум ја создал, искрено од срце.  Некаде каде што можам слободно да се изразам, каде што ќе добијам повеќе поддршка отколку исмевање за нешто ново.

Tags: