Се договара Национална стратегија за млади

Пишува Иван Дуковски
 
Националната стратегија за млади на Република Македонија е процес преку кој се стреми  подобрување на општата положба и задоволување на потребите и интересите на младите во земјата. Особено важен дел од стратешките определби на стратегијата претставува признавањето на улогата на младите во развојот на Република Македонија, како позитивна движечка сила и промотор на новите вредности на општеството и државата. Националната стратегија за млади се предвидува во период од 10 години. Претходната национална стратегија на РМ беше поставена од 2005 до 2015 година.

Годинава Агенцијата за млади и спорт со подршка на Програмата за развој на Обединетите Нации, УНДП од фебруари до октомври преку работилници ја разработуваше националната стратегија во која ќе бидат дефинирани и таргетирани сите проблеми и предзвици на младите во земјава. Во стратегијата се дефинирани  девет приоритети, а во работните групи учество имаат земено 150 лица, претставници на младите и на невладиниот сектор. Од овие работилници е изработена нацрт верзија на стратегијата која е достапна на овој линк  http://www.strategijazamladi.mk/draft/ .
Во изминатиов период, креираниот Нацрт текст на Националната Стратегија се претстави пред младите, се презентираше и се отвори јавна дебата  во повеќе градови ширум државата. На 21 октомври во салата на општина Штип се одржа  јавна дебата за Нацрт стратегијата за млади, која ќе важи за периодот од 2016 до 2025 година.
На дебата учествуваа директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасевски, претсатвници на граѓанскиот сектор, млади и Советот на млади при општина Штип. Пред присутните беа презентирани основите на националната стратегија за млади и нацрт верзијата на истата.

Дикректорот на Агенцијата за млади и спорт истакна дека во досегашниот период се одржани повеќе работилници во рамки на деветте приоритетни области од стратегијата (младинско учество, младинско инфомирање, локална младинска работа,вработување, култура, образование, здравје, спорт и квалитет на живеење) каде беа вклучени сите заинтересирани граѓани (млади луѓе, претставници на граѓански организации, меѓународни организации и институции).

-Деветте приоритени области се оние кои што претходно беа дефинирани во претходната национална стратегија за младите. Тоа се образованието, вработувањето и подршката при вработување, културата, спортот, здравството и превенцијата, локалната младинска работа, младинското учење, квалитетот на живеење и младинското информирање. Во сите овие области имавме  предлози кои директно беа инволвирани во процесот на креирање на Националната стратегија за младите, истакна Спасевски
Во процесот на креирање на Националната стратегија за младите, како последна од предвидените дебати останува Националната јавна дебата, која ќе се одржи на 10 ноември во Скопје. На овој настан се очекува учество од сите заинтересирани организации, државни и образовни институции, неформални групи и сите заинтересирани млади. 

Tags: