Средношколци одвоија од себе за да им помогнат на свои врсници

Автор на текст и фотографија Игор Стојанов
Средства за лична хигиена, облека и храна се дел од работите кои неколку млади средношколки ги собраа за своите врсници кои се со посебни потреби. Средношколките го посетиле средното училиште за деца со посебни потреби „Искра“ во Штип и од таму дознале дека им се потребни одредени работи за дечињата во ова училиште.
-Ги посетивме лично нашите врсници со посебни потреби. Видовме во какви услови се школуваат и се решивме да им помогнеме. Информациите најпрвин ги добивме од нашата професорка по англиски јазик, која во неврзан разговор ни посочи дека тие деца имаат потреба од помош, вели средношколката Наталија Крстевска која е дел од оваа хуманитарна акција.
Децата во средното училиште „Искра“ престојуваат таму две недели, викенд си одат дома и повторно се враќаат на две недели во училиштето. Освен дечињата потребата за средства за хигиена ја посочиле и професорите во ова училиште. Поддршка на младите средношколки им дава и Американското катче од Штип кое со задоволство прифати нивните канцеларии да бидат еден од собирните пунктови за хуманитарната помош.
-Ова е навистина големо изненадување за сите со кои разговарав и ја спомнав оваа акција и инцијатива на средношколците. Имав случај кога објаснувам на возрасните за акцијата толку се воодушевуваат од активноста на младите што ми даваат средства за да помогна, вели Марија Михаилова од Американското катче и додава:
-Кому и да ја раскажам приказната сочувствуваат со дечињата на кој им треба помош, а уште повеќе се воодушевени од средношколците кои самоиницијативно пројавија интерес да помогнат. Знам многу од средношколците кои буквално одвоија дел од своите средства за доручек за да им помогнат на своите врсници.
За да им успее акцијата младите девојки направиле лични посети на сите основни и средни училишта во градот. Ги информирале учениците дека се потребни средства за хигиена и дека тие ќе се донираат во средното училиште за деца со посебни потреби. Средношколците оствариле состаноци со директорите и со одговорните во средните училишта и самостојно успеале да организираат ваква хуманитарна акција.
-Мислат дека сме млади и дека не можеме да направиме ништо. Сакавме и да покажеме дека знаеме да бидеме активни и во други работи освен во она што сите очекуваат. Многу сме среќни што успеавме да собереме многу средства и што ќе помогнеме на многу млади луѓе на кои им е потребно ова, вели Александра Здравева која исто така е дел од оваа акција.
Младите средношколци се дел клубот „GLOW – Girls leading our world“ во кој членуваат млади девојки, а е оформен и подржан од Мировниот корпус. Средствата денес ги доставуваат до оние до кои им е потребно. Ветуваат дека нема да престанат активно да ја менуваат сликата дека сите млади луѓе се пасивни.
- Log in to post comments